Американскиот претседател Барак Обама на денешната средба со неговиот македонски колега, Ѓорге Иванов изразил жалење што земјата не е дел од НАТО алијансата, но изразил благодарност за учеството во мисијата ИСАФ во Авганистан и за партнерството со САД, информираат од кабинетот на Иванов.

На средбата меѓу двајцата претседатели станало збор за македонско-грчкиот спор со името, при што Обама нагласил дека Вашинготн останува посветен на процесот и изразил подготвеност за помош за поскорешно надминување на спорот со името.

Иванов, од своја страна, рекол дека Македонија е таа што бара решение во овој спор, поради кој, како што рекол, трпи реални последици. Македонскиот претседател посочил дека е од исклучително значење знгажманот на САД во овој процес.

На маргините на самитот во Лисабон, Иванов оствари средби и со американскиот државен секретар, Хилари Клинтон, Генералниот Секретар на ОН, Бан Ки-Мун, првите луѓе на Европскиот Совет и Европската Комисија, Херман Ван Ромпуј и Жозе Мануел Баросо, германскиот канцелар, Ангела Меркел, како и со претседателите на Турција и Авганистан, Абдула Ѓул и Хамид Карзаи.

извор “Макфакс
фото “Миа“