Претседателот на владата на Република Македонија, Никола Груевски, на маргините на денешниот прием организиран од претседателот на САД, Барак Обама, имал краток неформален разговор со грчкиот премиер, Алексис Ципрас, јави вечерва телевизија „Телма“.
Според информациите на македонската влада, Груевски во текот на разговорот го поканил Ципрас на заедничка средба во обид да изнајдат решение за прашањето на името.
Веста за средбата Груевски-Ципрас, во Грција ја пренесе интернет порталот “Реал” , кој објави дека Ципрас побарал од македонскиот премиер да направи чекори за придвижување и за решавање на спорот за името.
Кусиот куртоазен разговор во Њу јорк е и прва средба меѓу Ципрас и Груевски. Минатите месеци македонскиот министер за надворешни работи, Никола Поповски, имаше неколку средби со шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас. Тој во Јуни престојуваше и во посета на Скопје, каде со Поповски договорија повеќе мерки на доверба, како прв чекор во затоплувањето на односите меѓу двете држави и овозможување на успешни преговори за решавање на спорот за името.
Грчките медиумите денеска го пренесуваат и незадоволството на владата во Атина од фактот дека на конференцијата за борба против ИСИС и насилниот екстремизам, што се одржува на маргините на генералното собрание на ОН, Република Македонија била поканета да учествува под уставното име.
Според информациите, американскиот Стејт департмент, го одбил грчкото барање Македонија да учествува под референцата БЈРМ. Грчкиот весник То Вима се повикува на дипломатски извори и прстот го вперува во помошниот државен секретар во Стејт Департментот, Викторија Нуланд. Нејзиниот дипломатски одговор бил директен, подобро е Грција да се ангажира да се реши спорот за името.
OhridNews
извор:Тв „Телма“