Премиерот Никола Груевски во четврток во Санкт Петерсбург ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во рамки на неколкудневната посета на македонската владина делегација на Русија, пренесува „Макфакс“.
Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, средбата на Груевски со Путин има исклучително политичко и економско значење.
„Во политичкиот дел би сакал да истакнам дека најзначајно е што во рамките на престижниот форум посетата на Санкт Петерсбург што ќе ја имаме в четврток премиерот Груевски ќе оствари средба со претседателот на Руската Федерација Владимир Путин што ќе даде нов сигнал и насока за политичките односи меѓу двете земји, но и за економските односи меѓу двете земји во следните години. Тоа е уште една потврда дека Република Македонија тука е примена на највисоко ниво и дека во Русија имаме извонредно отворена врата за развој на политичките, но пред се и за економските односи за кои што ние сме посебно заинтересирани“, изјави Ставрески.
Инаку, владината делегација, во која покрај Груевски и Ставрески се и Ваљон Сарачини, министер за економија и Бил Павлески, министер без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции денеска престојуваше во Москва, каде ги претстави инвестициските можности на Македонија. За следните денови се предвидени и посети на градовите Владимир, Нижњиј Новогород и Санкт Петерсбург.
извор:„Макфакс“