Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот без ресор, Аднан Ќахил се сретна со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, придружуван од вице премиерот, Хакан Чавушоглу.
На средбата било констатирано дека двете пријателски земји имаат потенцијал за унапредување на економската соработка преку зголемување на турските инвестиции како и преку нови иницијативи од страна на Македонија.
Претседателот на Турција, Ердоган, ја поддржал иницијативата од премиерот Заев за зголемување на квотите за извоз на телешко и јагнешко месо во Турција, а најавил дека овој став ќе го пренесе на Владата на Република Турција. Тој изразил поддршка и охрабрување на турските бизнисмени за инвестирање во Македонија.
Премиерот Заев потенцирал дека за граѓаните на Република Македонија е многу важна секоја активност и инвестиција којашто влијае на покачување на животниот стандард и отвора нови работни места во Македонија и во таа насока му се заблагодарил на претседателот Ердоган за развојот на економските односи, како и за поддршката од Република Турција за членство на Република Македонија во НАТО и ЕУ.
Претседателот на Турција Ердоган дал поддршка на добрососедските политики што ги води Македонија, и го поддржал процесот за решавање на спорот со Грција, оценувајќи дека е тоа добро за Балканот и за евро-атлантските перспективи на Република Македонија, информира владината прес служба.
OhridNews