Претседателот на Република Македонија,  Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Република Турција, денеска во Истанбул оствари средба со претседателот на Република Турција,  Реџеп Таип Ердоган.

 

Како што информираат од кабинетот на претседателот Иванов, во фокусот на разговорите на двајцата претседатели биле билатералните односи и соработка, со акцент на прашања од сферата на безбедноста, мигрантската криза и економските односи.

На средбата претседателот Иванов изразил сочувство и жалење за серијата терористички напади во земјата, вклучувајќи го и денешниот, врз полициски контролен пункт во југоисточна Турција.

Турскиот претседател Ердоган изразил сочувство и жалење за поплавите од 6 август. Во тој контекст претседателот Иванов се заблагодарил за помошта од Република Турција.

 

На средбата било договорено зајакнување на контактите и соработката на безбедносните служби во делот на превенција и размена на информации во борбата против тероризмот, како и за предизвиците поврзани со мигрантската криза. Двајцата претседатели се согласиле за потребата од потесна билатерална соработка, но и соработка преку регионални и мултилатерални механизми, како и продолжување на економската соработка.

На средбата двајцата претседатели взаемно се информирале за актуелните политички и економски состојби во двете земји. Претседателот Иванов повторил дека Република Македонија ja поддржува демократски избраната влада на Република Турција.

Претседателот Иванов истакнал дека го поддржува нормализирањето на состојбите во Република Турцијa и повикал на почитување на демократските институции и избегнување на секаков вид на насилство и крвопролевање. Македонскиот претседател порачал дека политичките цели треба да се постигнуваат единствено со дијалог и во согласност со волјата на граѓаните на избори.

Претседателот Иванов престојува во работна посета на Република Турција на покана на претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган. Во рамки на посетата, Иванов присуствуваше на свеченото отворање на третиот мост над Босфорот „Јавуз Султан Селим“. 

OhridNews