Грција силно ја поддржува Северна Македонија и целиот Западен Балкан на патот кон Европската Унија. Грција е и може да биде ваш најголем пријател и соработник. Треба да продолжи имплементацијата на Преспанскиот договор кој е основа за подобрување на заемните односи и влез на земјата во европското семејство, порача денеска шефот на грчката диломатија Никос Дендиас кој е во официјална посета на земјава.

Грција  е задоволна од она што досега е направено во насока на имплентација на овој договор. Треба да се спречат појаснувања на договорот кои се погрешни и го попречуваат неговото  спроведување, посочи Дендиас.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи по средбата со Дендиас истакна дека прашањето на имплементација на Преспанскиот договор е жив процес. Тој додаде дека Преспанскиот договор е договор што е во основа на нашите билатерални односи, и тоа е неповратен процес. Тоа, вели Османи, е во интерес на нашата држава и ја гарантира перспективата на државата, на нашите билатерални односи и никој нема да дозволи да се загрози Преспанскиот договор.

Прашањата што ги покренавме во однос на ратификација на одредени договори и меморандуми во грчкиот Парламент ги отворив и јас на средбата и прашањето на сообраќајните знаци во Грција и разговаравме по однос на техничките причини за неисполнување на тие прашања во грчкиот Парламент и договоривме начин како тоа ќе се направи во наредниот период. Во однос на таблите објаснувањето е дека локалните власти се тие што не покажуваат ентузијазам, меѓутоа и по однос на тоа прашање разговаравме пошироко и мслам дека во наредниот период ќе има решение и за тоа, посочи Османи.

Министерот рече дека грчката страна ги исполнила најважните нивни обврски во однос на Преспанскиот договор, додаде дека интензивно се следи имплементацијата на, обврските кои произлегуваат од градењето на стратешкото партнерство во секторската соработка, меѓутоа и обврските што произлегуваат од членот 8 од Договорот, а тоа е имплементација на промена на името. Тоа следење, рече Османи, се случува на неделна основа преку Акциски план во којшто се имплементираат конкретните обврски од двете страни.

Она што последно е направено од имплементацијата на тој Акциски план е адаптација на името на Археолошкиот музеј каде што,  поради логистичко-технички причини не можеше досега да се направи, но направени се напори за соодветна адаптација. Во однос на промената на улиците, тоа е одлука на Советот на Град Скопје, при што улицата каде што се наоѓа МНР е сменета од „Филип Втори“ во „Стив Наумов“, меѓутоа, таа одлука не може да се имплементира пред локалните избори, затоа не е ставена нова ознака со новото име, информираше Османи.

Министерот подвлече дека по оваа средба, односите со Грција ќе бидат уште посилни. На состанокот, информира Османи, станало збор и за брзиот меѓуграничен железнички транспорт, а се зборувало и за отворањето на новиот граничен премин Маркова Нога.

 

OhridNews