Една недела пред големиот христијански празник Богојавление – Водици, нуркачите од Клубот за подводни дејности „Охрид“ денеска реализираа акција за чистење на дното на Охридското Езеро кај градското пристаниште, каде на 19 јануари ќе биде положен чесниот крст по кој ќе запливаат стотици капачи.

Во акцијата за отстранување на опасен отпад од езерото кој може да ја загрози и безбедноста на капачите, учествуваа дваесеттина нуркачи.

Се чистеше потегот од Езерото кај „колцено“ и пред кејот од „Александрија“ до Капетанијата на пристаништата. Од езерското дно извадивме поголема количина најразличен цврст отпад кој го одложивме на договорена локација на кејот од каде ќе го преземат екипите на ЈП „Охридски Комуналец“, изјавија за Охридњуз од Клубот за подводни дејности „Охрид“.

Нуркачите од Клубот за подводни дејности „Охрид“ ќе бидат задолжени за безбедноста на капачите на празникот Водици. Тие упатија апел до сите коишто на празникот ќе решат да се капат во студените езерски води да не консумираат алкохол и да ги почитуваат безбедносните правила.

Г.М.