Сребрен долар од 1794 година, за кој многу експерти сметаат дека е првиот кој го исковала американската ковачница за пари, бил продаден на аукција за рекордни 10 милиони долари. Претходниот рекордер била монета која на аукција во 1999 година била продадена за 4,1 милион долари, соопштила аукциската куќа „Стакс Боуерс Галерис“. Компанијата која се занимава со ретки монети, „Леџенг Нумизматикс“, ја купила монетата, чија продажба претставувала кулминација на аукцијата во Њујорк на која биле заработени 17,2 милиони долари.

Претставникот на аукциската куќа Дејвид Боуерс вели дека монетата имала единствени карактеристики поради кои била исклучително вредна. Тој рекол дека бил првиот искован метален долар и дека ниту еден музеј нема слична монета. Монетата била дел од колекцијата Кардинал која ја собрал колекционерот Мартин Лоџис. Боуерс колекцијата ја опишал како збирка на старите мајстори, сочинета од монети исковани на самиот почеток со работа на ковачницата на пари на САД.