Натпреварувачи од 40 држави од целиот свет дојдоа во Скопје по бодови за олимписка норма на Скопје ОПЕН 2025, Г1 турнир кој се наоѓа на официјалниот календар на светската таеквондо асоцијација.
Ненад Целески од Таеквондо Клуб Хваранг Фист освои сребрен медал во категорија јуниори +78 кг и ги заработи своите први бодови на елитни натпреварувања од рангот на Г1 и Е1 каде доаѓа светската елита по бодови за настап на Олимпијада.
По убедливата победа над францускиот натпреварувач Мохамед Кешише со 2:0, во финалната борба тој загуби тесно од Хамза Абазовиќ од БиХ со 2:1, информираат од клубот.
Покрај Ненад учество на турнирот зедоа и Петар Петкоски кој по победата во осминафиналето загуби во четвртфинале, како и Јана Спироска и Ѓорѓи Петкоски кои беа елиминирани уште во првото коло. Во сениорска конкуренција настапи Миа Спироска -53 кг која беше елиминирана во првото коло.
Голем успех на турнирот постигна нашиот најдобар натпреварувач и олимписки медалист Дејан Ѓорѓиески, освојувајќи го златниот медал во својата категорија и вредни бодови за олимписка норма за ОИ Лос Анџелес 2028.
OhridNews