Охридската кошаркарска експедиција на Колибри со сребрен медал се враќа од меѓународниот турнир во Турција, кој се одржа во градот Синоп.Во финалето кошаркарските надежи претрпеа пораз од домашната екипа со 67-57 и се закитија со сребреното одличје. Во најдобрите десет играчи на турнирот четири беа од охридскиот тим и тоа Дарио Дудиќ (плејмејкер), Дејан Нестороски (центар), Мехмед Али (најкорисен играч) и Борис Шешов (најперспективен играч).
– За нашиот клуб преставуваше чест и задоволство што бевме дел од најдобрите организирани турнири за млади категории во Турција. Имаме пофални зборови за домаќините и носиме само позитивни искуства. Се надеваме дека во иднина и ние ќе бидеме домаќини на еден ваков турнир на кој ќе блеснат кошаркарските надежи – рече Исамил Даут тренер на „колибрите“.
Охриѓани покрај учеството на турнирот беа гости во кабинетот на градоначалникот од Синоп и кај Министерот за спорт и култура на Турција.
Мх.П.