Со 33 години тој е најмладиот тренер во историјата на Баерн Минхен. Неговата преселба ќе му донесе на Лајпциг скоро 25 милиони евра, што е најскапиот тренерски трансфер во фудбалската историја.
Мојата животна желба е исполнета, – рече Јулиан Нагелсман по објавувањето на договорот според кој ќе добива по 8 милиони евра годишно.
Нагелсман не е прославен фудбалер, напротив, нема одиграно ниту еден натпревар во професионалната лига. Причина за тоа не е неговиот квалитет, туку повредите кои го примораа „да ги закачи копачките на клин“ со само 20 години.
Првиот контакт со тренерскиот занает го направи во 2. тим на Аугсбург како ко-тренер на Томас Тухел (актуелен менаџер на Челси).
По неколкуте различни улоги во Хофенхајм, како шеф на струката седнува во февруари 2016 година. Со 28 години тој е најмладиот тренер што водел еден тим во германската Бундеслига. Авантурата во Хофенхајм ја заврши во сезоната 2018-19 година. Останува забележано дека го одведе малиот Хофенхајм во Лигата на Шампиони.
По пристигнувањето во Лајпциг во првата сезона го предводеше тимот до третата позиција на табелата. Со пласманот во полуфиналето од Лигата на шампиони го постигна најголемиот клупски успех на РБ Лајциг. На завршниот турнир кој се играше во Португалија “биковите“ беа елиминирани од ПСЖ.
По двете сезони минати на клупата на Лајпциг, седнува на жешкото тренерска клупа на најтрофејниот германски клуб Баерн Минхен. Со Баварците потпиша 5 годишен договор до 2026 година. На контото на Лајпциг ќе легнат 25 милиони евра, сума која го позиционираше Нагелсман на врвот како најскапиот тренерски трансфер во фудбалска историја.
Јулиан ја наследи фудбалската филозофија на Рагник и Хасенхутл, кои форсираа офанизивен пресинг и брза трансформација од одбрана во напад. Кај него напаѓачите се првите одбранбени фудбалери кои мора да се стават во улога на тимот и со своите движења да не дозволат противникот лесно да го освојува теренот.
Слично како Пеп Гвардиола, тој е исто така е „опседнат“ со правилното распоредување на играчите на теренот. За време на мечот знае да ги менува тактичките формации и да ја „прилагоди“ играта на противникот. Мечевите ги игра во различни формации, но најчесто ја користи стандардната 4-4-2 која лесно се трансформира.
Нагелсман е исправен пред голем предизвик. Со Ханси Флик на клупата Баерн освои седум титули (шест во една сезона) . Неговиот договор на негово барање е предвремено прекинат.
OhridNews