Со погодокот на Дејан Манасков во последните секунди, македонската ракометна репрезентација го совлада Исланд 34-33 (17-17) на гостински терен и ги врати загубените бодови и го обели оразот после поразот во Грција, во квалификациите за пласман на Европското првенство следната година.

„Црвено жолтите“ имаа многу среќа, бидејќи Манасков изведуваше пенал на четири секунди до крајот и не го реализираше, а одбиената топка стигна повторно кај него и го надмудри исландскиот голман за голема победа.

Исланд подобро го отвори мечот и поведе со 5-2 и 7-4, а подоцна беше и 9-5. Негативата од четири голови ги „разбуди“ нашите ракометари. Избраниците на Данило Брестовац намалија на 9-7, а до егал дојдоа 12-12. До крајот на првото полувреме се играше гол за гол и на одмор двете селекции замина со по 17 постигнати голови.

Стартот од второто полувреме повторно им припадна на исланѓаните, но овој пат не успеаја да се одлепат на семафорот. Најмногу имаа два голови предност, а исто такво водство имаше и Македонија. Во завршните минути нашата селекција водеше 31-30, а Исланд водеше во два наврати.

Македонија при 33-33 не реализираше во напад правејќи пробивање, а домашните ракометари возвратија со иста мера грешејќи во чекори. Исландскиот ракометар не ја спушти на паркетот топката, а судиите досудија пенал. Манасков не го реализираше, но од втор не погреши и донесе огромна победа.

„Црвено жолтите“ со триумфот над Исланд му приредија топло добре дојде на новиот селектор Брестовац и на маестрален начин ја најавија пресметка со „рибарите“ во Скопје.

OhridNews