Излезе од печат најновата поетска книга на Ристо Лазаров „Срце во мозокот“ во издание на издавачкиот центар „Антолог“ од Скопје.

Наведувајќи ја како мото на својот поговор кон книгата на Лазаров библиската сентенца дека „Мислата на срцето човечко е зла“, Лидија Капушевска Дракулевска забележува дека во сенките на сегашноста човекот како да станува сѐ помалку емотивно, а сѐ повеќе неразумно (ирационално) суштество. А само доколку срцето и разумот се проникнуваат во човекот, може да се постигне баланс во животот и во светот. Ова е стожерна оска околу која гравитираат стиховите од најновата книга на Лазаров.

Првата средба со оваа книга стихови збунува веќе со самиот необичен наслов (впрочем, како и претходната именувана „Чинук“). Срце во мозокот – дали со изборот на оваа, навидум парадоксална синтагма (спој на емотивноста и интелектот), поетот, можеби, сака да го изрази парадоксот и апсурдот на нашето совремие? И зошто „главатарите“ (како што се именувани денешните политички моќници), „се препознаваат / по срцата вгнездени во нивните глави“ – како што иронично ќе рече лирскиот субјект во воведната, истоимена песна? Дали се тие свесни за безумието и лудилото што го креираат? Или, пак, се раководат од емоции (и тоа негативни, како омраза, гнев), наместо рационално да се соочат со предизвиците? Како и да е, изборот на насловот на стихозбирката „Срце во мозокот“ е успешна поетска алатка која провоцира со нагласената врска помеѓу емоциите и когницијата.

Каде е излезот? Во малите човечки радости – порачува поетот во лично обоената, интимна и, по малку меланхолична песна „Никаквост.“ (Слична атмосфера провејува и во мошне трогателната песна „Сретнав во Прага една Светлана“.) „Никавоста“ на несносливата живеачка „при секое добро утро, добар ден“, по вечерната виртуелна средба со внуката во туѓина (преку мобилниот телефон), се трансформира во „некаквоста“ на сонот и трае „до првото добро утро“. Оваа топла човечка приказна која живот значи, е надежта сокриена во книгата-кутија „Срце во мозокот“ на Ристо Лазаров. За разлика од Пандорината, оваа кутија чека да биде отворена. Ви треба само „срце во мозокот“.

OhridNews