Охрид е хит дестинација во Србија ова лето. Потврда на ова е и податокот дека на штотуку завршената туристичка берза во Белград, македонскиот штанд го посетиле над 5.000 лица.
Туристичките работници од Охрид сметаат дека посетеноста на македонскиот штанд зборува за големата заинтересираност на граѓаните на Србија за одмор долж охридското крајбрежје. Како што пренесува МИА, оваа година пет познати туристички агенции од Белград во својата понуда го нудат Охрид како значајна туристичка дестинација, додека минатата година одморот во Македонија и Охрид беше само во програмата на една агенција од Белград.
Од 18 мај стартува редовната авионска линија Белград – Охрид – Белград двапати неделно и се очекува со укинувањето или намалувањето на аеродромските такси се повеќе туристи да ги користат ваквите аранжмани.
Ова во целост се охрабрувачки најави и податоци, сметаат во Хотелската асоцијација на Македонија – ХОТАМ. Оттаму сметаат дека претставувањето на Охрид и Македонија на штотуку завршената туристичка берза во Белград минало доста добро, но со веќе традиционалните наши пропусти.
Имено на македонскиот штанд имало само околу 600 примероци на пропаганден туристички материјал за неколку илјади посетители. Единствено две туристички агенции од Македонија, односно од Охрид, настапија со комплетна туристичка и пропагандна понуда, а останатите околу 200 туристички агенции во Македонија за ваквото претставување не беа заинтересирани, истакнуваат од ХОТАМ.