Делегациите на Србија и на Косово, денеска, во Брисел, го парафираа Договорот за нормализација на односите, пренесува „Макфакс“.

„Договорот е усогласен и парафиран. Многу сум задоволна“, изјави пред новинарите високата претставничка на ЕУ за безбедност и надворешна политика Кетрин Ештон.

Српската и косовската делегација повторно се сретнаа денеска на нова рунда преговори за степенот на автономија за заедницата на српски општини на северот на Косово.

Според дипломатски извори, на маса бил договор од 15 точки предложен од Ештон, земајќи ги в предвид позициите на двете страни.

Премиерот на Косово Хашим Тачи изјави дека Договорот меѓу Белград и Приштина, парафиран во Брисел, гарантира „признавање на Косово, на неговиот меѓународен субјективитет, суверенитет и територијален интегритет”.

Тачи рече дека тоа е „историски договор” кој „го трасира патот кон понатамошна нормализација на односите меѓу Србија и Косово. Тој оцени дека со тоа се пружа „раката на помирување меѓу Србите и Албанците, кои во минатото имале тешки конфликти и моменти”.

Од друга страна српскиот вицепремиер Александар Вучиќ изјави дека Србија, со постигањето на договорот со Приштина, не ја признала независноста на Косово, ниту, пак, тоа „некогаш ќе го направи”.

„Нема да наседнуваме на измислиците на Хашим Тачи. Свесни сме за тежината на ситуацијата и големата одговорност што ја носиме за иднината на Србија и целиот наш народ”, рече Вучиќ за „Новости”.

Тој додаде дека ова било најмногу што можеле да добијат.

„Ова е максимумот што во овој момент можевме да го извлечеме за нашиот народ на Косово и Метохија. А, дали Србија ќе го прифати предложениот договор, ќе биде решено следните денови”, рече Вучиќ

 OhridNews
извор:„Макфакс“