Денес во Србија се одржуваат претседателските, парламентарните, како и изборите за регионалните и локалните власти. Општите избори се одржуваат во земјата првпат од воведувањето на повеќепартиски систем во 1990 година.

Со право на глас се 6.770.013 граѓани, во Србија и во странство, коишто ќе можат да гласаат на 8.390 избирачки места.
На територијата на Косово, гласањето ќе се одржи на 90 избирачки места коишто ги одреди мисијата на ОБСЕ претежно во местата каде што е доминантно српското население. На Косово има вкупно 109 илјади регистрирани гласачи, коишто ќе може да се изјаснат за парламентарните и претседателските избори, но по спротиставувањето на Приштина нема да може да гласаат за локалните избори.

За претседателските избори се регистрирани 12 кандидати. Според сите предизборни прогнози, ниеден од нив не ќе може да го надмине цензусот од 50 отсто плус еден од гласовите, за да може уште во првиот круг да стане претседател на Србија, па се очекува дека ова прашање ќе биде решено за две седмици на вториот круг.

Избори денес се оддржуваат и во соседна Грција. Таму се гласа на предвремени парламентарни избори кои се сметаат за најнеизвесни во модерната грчка историја.

Вкупно девет милиони и 851 илјада граѓани со право на глас денеска ќе избираат меѓу 32 партии на повеќе од 20 илјади избирачки места. Првичните резултати се очекуваат вечерва околу 22 часот по локално време.

Во Франција пак, денес 45 милиони избирачи гласаат во вториот решавачки изборен круг од парламентарните избори на кои кандидати за петгодишниот мандат и на чело на државата се актуелниот претседател Никола Саркози и социјалистот Франсоа Оланд.

Како фаворит се истакнува Оланд, но неговата предност пред Саркози е намалена во однос на претходните недели. Ова се десетти претседателски избори во историјата на Петтата република. Во првиот круг од изборите, на 22 април, имаше и десет кандидати.

OhridNews