Борис Тадиќ, актуелен претседател на Србија и кандидат на Демократската партија, е реизбран на функцијата, откако победи на вториот круг од претседателските избори. Тадиќ неколку часа по затворањето на избирачките места  вечерва, прогласи победа, а поразот го призна неговиот против кандидат радикалот Томислав Николиќ.

Според првичните неофицијални резултати, за Тадиќ се изјасниле нешто над 50% од излезените гласачи, додека Николиќ добил нешто над 47% од гласовите.

„Граѓаните на Србија им го покажаа демократскиот потенцијал на европските земји и на Европската Унија, изјави на прес конференција по изборите Тадиќ. Тој му честиташе на својот против кандидат Николиќ за остварениот висок резултат и најави дека деновиве ќе се сретне со него.

Изборите во соседна Србија беа оценети како референдум про и контра Европа, и се сметаат за исклучително важни за целиот регион во пресрет на разврската околу финалниот статус на Косово.

Г. Момироски