Министерството за рударство и енергетика на Србија денеска донесе препораки до државната администрација, единиците на локалната самоуправа, државните претпријатија, стопанството и домаќинствата да ја намалат потрошувачката на струја и топлинска енергија, со што треба да се овозможи намалување на потрошувачката на енергија за 15 отсто во однос на истиот период лани, јави допсиникот на МИА од Белград.
Како што соопштија од ова министерство, кога станува збор за домаќинствата, предложените препораки се однесуваат на порационално користење, пред се на електричната енергија, а во препораките се предлагаат меѓу останатото и гаснење на светлата, ефикасните начини за користење на бојлерите, веш машините, грејните тела, начините за ефикасно готвење и други.
Кога станува збор за локалните самоуправи, органите на државната управа, државните претпријатија, јавните установи и стопанството, предложените препораки се порационално користење на јавното осветлување, ограничување на употребата на декоративното осветлување на јавните објекти, користење ЛЕД осветлување, замена на дрвенаријата и генерално подобрување на енергетската ефикасност, поставување соларни панели, префрлување од електрично греење на друг тип на греење и користење топлински пумпи, што треба да овозможи намалување на потрошувачката на енергија за 15 отсто во однос на истиот период лани.
Од ова министерство предлагаат препораки до сите јавни претпријатија да направат план за заштеда на потрошувачката, а ЈП во енергетскиот сектор да направи планови за намалување на загубите во дистрибутивната и преносната мрежа.
Министерството ќе испрати барање до ЈП ЕПС да обезбеди поопширни опции за намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија за домаќинствата со доставување сметки за потрошувачката на енергија, а предлогот препораката е и ЈП ЕПС да стимулира заштеди преку одобрување дополнителни попусти за корисниците кои ја намалуваат нивната месечна потрошувачка во однос на истиот месец претходната година.
Исто така, една од предложените препораки е и покревање на јавната свест за важноста на енергетската ефикасност, рационалното користење на енергијата и користењето на ОИЕ со цел да се намали потрошувачката.
Претседателот Александар Вучиќ денеска изјави дека властите напорно работат на финансиските мерки што ќе ги предложат за заштеда на струја, додавајќи дека само вчера Србија увезла 4 гигавати струја за 2,4 милиони евра.
Тоа значи 530 евра за мегават-час, а ние го продаваме на нашиот пазар за 41 евро, тоа е 14 пати помалку. Тоа никој не може да го поднесае, а уште е лето, предупреди Вучиќ.
Ќе биде тешко лето, уште потешка есен и најтешка зима. Ќе се бориме заедно и верувам дека сето тоа ќе го надминеме, Вучиќ.
OhridNews