Фудбалерите на Струга Трим Лум и Шкупи ги поделија бодовите, ремизирајќи 0-0, во вчерашниот натпревар на стадионот „ФК Караорман“, во рамките од 30-та рунда во Првата македонска фудбалска лига. Гостинскиот голман Кристијан Наумовски со неколку фантастични интервенции не дозволи радост на стружани, кои ја имаа топката повеќе во свој посед и поубавите шанси во текот на натпреварот.
Одигравме еден борбен и квалитетен натпревар во кој цело време доминиравме. Желбата за победа беше голема кај моите фудбалери, но гостите предводени од голманот оддолеаја на нападите. Немам што да им замерам на фудбалерите, бидејќи играа, креираа шанси и само поради мали нијанси не успеаја да постигнат погодок, кој сигурно ќе значеше победа. Јас не оптоварувам со резултатите на другите екипи и конкурентите, затоа што ние како клуб имаме јасна цел и визија. Во клубот сакам да играат млади фудбалери, кои во иднина ќе бидат носители на екипата. Има три рунди до крајот и ние ќе атакуваме на позитивни резултати, кои ќе ни донесат пласман во Европа, изјави тренерот на стружани Срѓан Захариевски.
Струга Трим Лум заостана три бодови зад Македонија Ѓорче Петров во битката за третата позиција на табелата која води во европските натпреварување. Стружани до крајот на сезоната играат со Шкендија, Вардар и Силекс, додека „лавовите“ ќе се сретнат со Шкупи, Шкендија и Вардар.
OhridNews
Прва МФЛ: Реми без голови во Струга, се вжештува битката за опстанок