Југословенскиот народен театар од Белград, Србија вчеравечер на Античкиот театар со Чеховата „Вујко Вања“ ја спушти завесата на 62-то издание на фестивалот „Охридско лето“.
Изминатите четириесет фестивалски денови во Охрид се празнуваше врвната уметност во областа на класичната музика и театарот.
Уметноста, естетското доживување на врвните концерти и театарски претстави на автентичните локалитети, Античкиот театар, црквата Св.Софија, предворјето на Св. Софија, Долни Сарај, кои ги понудивме на 62-то фестивалско издание се сведоштво дека силата на музиката и театарот го обединува светот, го променува и внесува убавина во него. Бевме пример како треба да се реализира врвна манифестација притоа почитувајќи ја традицијата и влогот на многу генерации пред нас, рече на свеченото затворање директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.
Таа изрази огромна почит и благодарност до сите заслужни за реализацијата на оваа најголема музичко-сценска манифестација во регионот, како што се Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски кој е Покровител на манифестацијата, до Владата на Република Северна Македонија и Министерството за култура, до Општина Охрид, како и до сите гости, посетители, уметници…
Благодарност и до нашите спонзори, помагатели, пријатели, љубители на уметноста, поддржувачи на културните вредности, посебно до нашиот генерален спонзор, Македонски Телеком, како наш најголемиот партнер на патот кон успесите на Охридско лето. Амбасадите на Италија, Полска, Турција, Србија, Франција, Украина, Шпанија, Америка и Делагацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија со чија помош се реализираа дел од годинешниве концерти. Благодарност и до целиот тим на Охридско лето кој неуморно, професионално и посветено работеше во организацијата за време на овие фестивалски вечери.И секако, неизмерна почит и благодарност за Ана Липша Тофовиќ што ни овозможи да ја славиме врвната уметност, да ѝ се радуваме на убавината и да создаваме трајни вредности. Нејзиното име ќе го слават и бројни генерации после нас. Да ни е вечен фестивалот, уште многу успешни уметнички доживувања од оваа сцена, рече Поповиќ.
Бројната публика на Античкиот театар на четириесеттата и последна фестивалска вечер уживаше во врвната изведба на драмата „Вујко Вања“ на еден од најсуптилните писатели за театар, Антон Павлович Чехов и на големото режисерко име Егон Савин, преку која на сцена беше изнесена приказната за малите промашени луѓе кои чувствуваат празнина.
„Охридско лето“ по традиција беше затворено со богат огномет и со гаснење на фестивалскиот факел кој светеше изминатите фестивалски вечери.
OhridNews