Со изведбата на музичко – сценскиот проект „На светов убавина“, кој всушност е избор на музика работена за претстави од нашиот композитор Горан Трајкоски во периодот од 2003 до 2013 година, синоќа, во предворјето на црквата Св.Софија, беше спуштена завесата на 56-то издание на фестивалот „Охридско лето“.
На фестивалот годинава настапија 800 врвни уметници од 18 земји од целиот свет, меѓу кои оперската дива Елина Гаранча која ја твори манифестацијата, познатите виолинисти Максим Венгеров, Вадим Репин и Роман Симовиќ, пијанистите Фазил Сеј, Ана Винитскаја, легендарниот џез музичар Артуро Сандовал, како и македонските уметници Ана и Игор Дурловски, Дамјан Пејчиноски и други.
Драмскиот дел од фестивалот беше посветен на 400 годишнината од смртта на Вилијам Шекспир. Настапија театри и режисери од Македонија, Туција, Романија, Словенија и Русија.
Директорот на „Охридско лето“ Оливер Арсовски изрази задоволство од реализираната програма.
– Милсам дека ова беше успешно издание на „Охридско лето“, а нашите информации говорат дека и публиката е задоволна од понуденото.- рече Арсовски.
Во рамки на фестивалот за прв пат беше организирана „Летна академија“ каде младите музичари од Македонија имаа можност да бидат дел од семинарите предводени од светски познати музички уметници.
OhridNews