Со поетскиот митинг „Мостови“ синоќа беше спуштена завеста на 48-те Струшки вечери на поезијата.


На завршната вечер годинешниот лауреат, словенечкиот поет Томаж Шаламун му беше врачен „Златниот венец на поезијата“, додека наградата „Мостови на Струга“ што УНЕСКО ја доделува за дебитантска поетска книга, му припадна на сенегелскиот поет Усман Сар-Сарус.



Добитник на  наградата „Браќа Миладиновци“  годинава е македонската поетеса Весна Ацевска за стихозбирката „Столисник“, додека наградата „Иселеничка грамота“ му беше врачена на поетот Марк Шоболев, за стихозбирката „Песни од  туѓина“.


Според дирејкторот на СВП, Данило Коцевски, годинашниов фестивал ги надминал очекувањата на организаторот.

– Учествуваа поети од многу земји, кои извонредно се дружеа. Воодушеви читањето и амбиентот каде се случуваа настаните. Исто така имаше одлични изданија, како што се тоа на лауратот Шаламун за кое тој ни подели комплимент дека е најубаво негово публикувано дело, како и преводите на  десете томови  македонска литература, рече Коцевски.


Данило Коцевски

Учесниците на Струшките вечери на поезијата денеска ќе посетат повеќе градови во Македонија, а утре на свеченост што ќе се одржи во Скопје годинешниот лауреат Томаж Шаламун ќе биде прогласен за почесен член на Друштвото на писателите на Македонија.

Ohridnews