Неспорно е дека спроведувањето на наставата преку дигиталните платформи останува предизвик, посебно за држава со мали ресурси, како што сме ние, и за оние кои ја изведуваат наставата, но и за учениците и студентите, за родителите, за секој од нас. Сведоци сме во последно време на интензивни дебати во врска со дигитализацијата на образованието и со оглед на тоа дека сега сме во процес на трансформација, јас мислам дека вистинскиот збор е транзиција од традиционалните кон новите методи на настава и оттука, се разбира, дека има голем простор за наше подобрување. Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на  јавната онлајн трибина „Дигитализација и образование“, што се одржа вчера.

Достапноста на образованието за сите и надминувањето на физичките бариери е, според мене, неверојатен бенефит за секоја индивидуа и за општеството во целина. Затоа треба да бидеме подготвени да инвестираме во информатичките технологии и да ги развиваме дигиталните алатки, но пред се и над се, генерално зборувајќи, да работиме на дигиталната писменост. Неспорно е дека дигитализацијата во различните сфери на животот се одвиваше и претходно, некаде со помал, некаде со поголем интензитет, ефект и успех, но, сегашната ситуација ни овозможува нејзино радикално ширење. – рече Пендаровски.

Претседателот, сепак, не смета дека иднината на образованието ќе биде само дигитална. Процесот на образование има и социјална димензија и ми се чини дека во човековата природа е потребата од учење и низ непосреден контакт. Се разбира, не го спорам фактот дека дигитализацијата во образованието ќе отвори нови перспективи и можности и со тоа, предуслови за напредок на целото општество, додаде Пендаровски.

Во оваа прилика би сакал да ги поздравам активностите и на граѓанските здруженија, на научниците, на професорите, на информатичарите и на сите останати кои направија многу за зголемување на опциите за дигитално учење. Во овие процеси јас мислам дека е нужно да постои партнерство на државните институции со учените луѓе, со граѓанскиот сектор, со цел да изнајдеме решенија кои ќе бидат засновани врз потребите на граѓаните. Креирањето на политиките, не само во овој сегмент, мора да биде двонасочен процес, каде што државата ќе има постојана комуникација со експерти и со луѓе кои поседуваат практично искуство. – смета претседателот Пендаровски.

OhridNews