Спротивставени ставови на граѓаните и надлежните служби во Охрид кога станува збор за тоа дали имаме капацитети, стручност и опрема за справување со катастрофи како пожарите кои летово го зафатија Охридскиот регион.

На анкетното прашање кое го постави Охридњуз до граѓаните, за жал висок 91 процент одговориле негативно, додека само мал процент, 9, одговориле позитивно. Прикажано низ гласови 1001 наш сограѓанин смета дека немаме соодветни капацитети, стручност и опрема за справување со катастрофи, додека 96 граѓани сметаат дека имаме.

Спротивно на ставовите на граѓаните, надлежните служби во Општина Охрид и Територијалната противпожарна единица Охрид сметаат дека се доволно подготвени и секогаш на ниво на задача.

Општина Охрид располага со соодветни капацитети за справување со катастрофи

На подрачјето на општина Охрид во системот за заштита и спасување и управување со кризи се вклучени сите јавни претпријатија и граѓански организации и здруженија.

Посебен акцент имаат Штабот за заштита и спасување и управување со кризи на општина Охрид со просторни сили за заштита и спасување на општина Охрид каде влегуваат универзална единица за заштита и спасување во јачина на вод; просторна специјализирана единица за прва медицинска помош во јачина на одделение; просторна специјализирана единица за противпожарна единица во јачина на одделение и просторна специјализирана единица за заштита и спасување на вода и планинско спасување, Територијална противпожарна единица (ТППЕ), Црвен Крст-Охрид, доброволни пожарникарски друштва, Планинска спасителна служба, кои на располагање ги ставаат сите човечки и технички ресурси, вклучувајќи и механизација и теренски возила за во случај на настаната катастрофа, посочуваат од Општината.

Воедно ги потенцираат сите стратешки документи кои ги поседува Општината од областа на заштита и спасување и управување со кризи, како што се Процена на загрозеност од природни непогоди, епидемии, епизотии, епитофии и други несреќи на територија на општина Охрид, План за заштита и спасување од природни непогоди и други несреќи на општина Охрид, Програма за реализација на активностите на општина Охрид од областа на заштита и спасување, управување со кризи и ревитализација по елиминирање на кризи за 2024 година и Правилник за заштита од пожари и експлозии.

Ченовите на Штабот за заштита и спасување и управување со кризи на општина Охрид и Просторни сили за заштита и спасување на општина Охрид имаат реализирано специјализирана обука извршена од Центарот за обука при Дирекција за заштита и спасување на РМ. Општина Охрид од јули 2024 година е дел од мрежата на Making Cities Resilient 2030 (MCR2030), додаваат од Општина Охрид.

Стручноста на ТППЕ – Охрид на виско ниво

Стручноста на Територијалната противпожарна единица Охрид е на виско ниво, на терен секојдневно, храбро, дисциплинирано и професионално ги извршува интервенциите на отворен простор кои ја зафатија нашата територија, вели командирот на ТППЕ Борко Јанкулоски.

Со оглед на тоа што ТППЕ Охрид има искусни познавачи на проблематиката со шумските пожари, нашите екипи дејствуваа и на други локации на државава, односно секаде кадешто беше побарана наша помош. Опремата за вакви катастрофални пожари е солидна, меѓутоа таа се амортизира и мора постојано да се унапредува и надополнува. ТППЕ – Охрид, со оглед на тоа што дејствува и на пожари во урбана средина, технички интервенции и сл., односно мора да има и екипи кои би интервенирале во урбана средина, во текот на летниот период имаше огромна поддршка и помош од Доброволното ПП друштво Ентузијаст Охрид – Дебрца, секогаш кога и да беа повикани од страна на ТППЕ  – Охрид, посочува Јанкулоски.

Летово се водеше битката за спас на Галичица

Пожарот на Галичица изминатово летово беснееше две седмици и се правеа натчовечки напори истиот да се изгасне. Беа вклучни стотина лица, вработени во НП Галичица, ТППЕ Охрид, ТППЕ Ресен, Планинарска спасителна служба при Црвен крст Охрид, Планинарски клуб Патагонија, ДЗС Охрид, Ресен и Неготино, резерват Езерани и доброволци од Охрид и Ресен. Се гаснеше и од воздух со воздухоплови.

Пожарот имаше зафатено голема површина, главно нискостеблеста вегетација,  смрека и дел  букова шума. Направените штетите по животната средина беа огромни, а уништени или загрозени беа природните живеалишта на бројни видови флора и фауна, од кои дел се ендемски видови.

Н.С.Ј.

Следна анкета: Дали се води грижа за заштита на спомен обележјата од историско значење?