Полицијата спречи обид за шверц на вредни артефакти од земјава кои требало да завршат на нелегалниот пазар во Грција.

Во возило „Опел астра’’ со охридски регистерски таблици, управувано од М.Н., на 12-ти овој месец, пред влезот во Битола, пронајдени биле поголем број археолошки предмети и  стари артефакти, по што возачот и уште две лица кои биле со него биле лишени од слобода, а  пронајдените предмети со потврда им се одземени.


Наредниот ден, извршен бил претрес во домот и помошните простории  на лицето А.Ш.  при што  билр  пронајдени  три детектори за детекција на метални предмети и ВХС касета за употреба на истите, мапи со археолошки наоѓалишта, 438 стари метални монети со различни димензии, една  дрвена икона со метален облик на Богородица, поголема литература од археологија и фотографија на археолошки предмети, една  метална статуа „војник“ (10см), како и повеѓе други артефакти со потекло од Македонија и странство како и огнено оружје и муниција.

Пронајдените артефакти и старите пишани документи, карти, мапи и фотографии, во договор со Управата за културно богатство, соодветно ќе се анализираат и вештачат, соопшти полицијата.

Полицијата поднесе соодветни кривични пријави против А.Ш.(49) од Гостивар и против  З.К.(34) и М.Н.(42), двајцата од Кичево, на кои истражен судија им определи мерка притвор во траење од 15 дена.