Специјалните служби на Русија и на Украина спречиле подготвен терористички напад врз рускиот премиер и кандидат за претседател Владимир Путин, ги пренесуваат медиумите најновите информации кои ги соопшти денеска руската телевизија Прв канал.

Од изјавите на тројца криминалци, со руско државјанство кои биле фатени во градот Одеса, се дознало дека тие имале намера во Москва да го изведат криминалниот чин, веднаш по претседателските избори на 4 март.


Прес секретарот на Владимир Путин, Дмитриј Песков, ја потврди информацијата за спречениот атентат врз премиерот, но одбил да даде какви било коментари.

Според руските агенции, еден од уапсените е Адам Осаев (31). Во квартот во Одеса, каде престојувале, уапсените се занимавале со изработување експлозивни направи. На истата адреса на 4 јануари имало експлозија, која предизвикала пожар. Во инцидентот загинал еден од членовите на бандата. Друг член на бандата, Илја Пјанзин, со казахстанско државјанство, завршил на реанимација во локалната болница со тешки изгореници. Осаев успеал да избега, и покрај тоа што бил ранет во експлозијата.

Украинските специјални служби засега не ги идентификувале другите двајца уапсени.

OhridNews