Спортските риболовци изрaзија отворено сомневање во напорите на надлежните инспекциски служби за пронаоѓање на загадувачот на Охридското Езеро каде пред три дена се излеа поголема количина нафта.
Оттаму укажуваат дека немањето на подземен катастар и неопременоста на инспекциските тимови не може да биде оправдување за неуспехот во откривањето на загадувачот на Охридското Езеро.
– Ниту локалната ниту централната власт не знаат која цевка каде е, па предлагаме надлежните органи како опрема на инспекторите за животна средина, да им купат одела за нуркање, и да ги пуштат по канализација можеби ќе го научат одводниот систем, а и ќе откријат некој таен загадувач на езерото, кога неможат да ги откријат загадувачите кои се гледаат од авион. Пред некој месец бевме сведоци дека некои јавни претпријатија за неколку илјади евра не инсталираа пумпи во пречистителната станица во Враништа и дозволија колекторот да работи само со 30 % од својот капацитет и намерно се дозволи неколку месеци да се излеваат фекалии од самиот колектор директно во водите на езерото, за што никој не одговара.- велат од СРК „Свети Апостол Петар“.
Спортските риболовци најостро ја осудуваат негрижата за Охридското Езеро од сите институции и бараат виновниците за сите еколошки загадување да се изведат пред лицето на правдата и да се казнат. Доколку тоа не се случи тие ќе ги алармираат УНЕСКО и Гринпис.
-Летната сезона е на прагот, каналот Студенчишта ќе се преполни со пловни објекти и еколошки катастрофи од многу поголеми размери не само што се можни туку се и реални, на тоа укажуваме со години. Нашите реакции против секаков вид атак што се врши над езерото или бреговите на езерото отсега ќе ги доставуваме не само до надлежните институции во Македонија туку и до УНЕСКО , документирано и со сите аргументи. А за да го заштитиме езерото ќе ги алармираме и побараме помош од сите поголеми еколошки невладини организации, ќе побараме помош од „ Greenpeace International “ каде веќе имаме наши активни членови.- предупредуваат спортските риболовци.
Дека неодамнешниот еколошки инцидент со излеаната нафта на кејот не е за потценување според нив укажува фактот што овие неколку дена на кејот ги нема галебите.
– Корките од леб со кои децата ги хранаеа галебите и лебедите слободно лебдат по извалканата површина од езерото, ова се показатели дека нешто неприродно се случува со езерото, се вели на крајот од реакцијата на СРК „Св. Апостол Петар“.