Спортско риболовниот клуб Свети Апостол Петар не се согласува со размислувањата на градоначалникот Петрески, кој во изјава за Ohridnews, најави дека се размислува за изградба на марина кај каналот Студенчишта во близина на трските, кои според него во последно време во многу се прошириле.

Наспроти ова спортските риболовци сметаат дека трската не се зголемува туку се намалува и дека неа ја сечат несовесни концесионери за да изградат приватна марина. „Спортските риболовци најостро ќе се спротистават на секој обид со кој ќе се дозволи сечење на трска за изградба на марина, затоа што трската има големо значење за целиот екосистем на Охридското Езеро“, се вели во писмената реакција на охридските спортски риболовци.

Според спортските риболовци, количината на трската која е природен филтер на езерото во последниве години е неколку пати намалена. Таа е најголемо мрестилиште на рибите особено на крапот , и со нејзиното уништување ќе се уништат и природните мрестилишта. Во неа се хранат и размножуваат многу видови на птици. Со уништувањето на трската , се уништуваат и природните живеалишта на птиците и се нарушува природниот амбиент на езерото.Тоа не смее да се дозволи, затоа што езерото е во регистар на УНЕСКО а според правилата на УНЕСКО не смее да се нарушува природниот амбиент на Охридското Езеро, велат спортските риболовци.


Спортските риболовци бараат подршка од градоначалникот на Охрид, каналот Студенчишта да добие третман како изворите во Св.Наум, и во него да биде дозволен влез на пловни објекти само со помош на весла. „Последните два месеца каналот наместо вода од прва категорија наликува на загадено мочуриште односно на вода од петта категорија полеана со бензин, нафта и моторно масло.Причина за ова се над двеста пловни објекти кои се сместени во каналот“, објаснуваат спортските риболовци.


Ако со ДУП на тој простор се планира изградба на елитни хотели како што изјавува градоначалникот Петрески , тогаш ни најмалку не треба да се дозволи пловните објекти со нивните мотори да создаваат бучава и да го нарушуваат мирот на тој простор, велат риболовците. Тие предлагаат да се изгради марина со спојување на пристаништето во центар и пристаништето пред хотел Палас  А гостите од тука со кајчиња и слични пловни објекти со помош на весла да се носат до каналот односно до елитните хотели, со што ќе се реши проблемот, се вели на крајот од писмената реакција на спортско риболовното друштво „Свети Апостол Петар“ – Охрид.

Ohridnews