Спортските риболовци членови на Спортско риболовниот клуб „Св.Апостол Петар“ кои не се од Охрид а имаат камп приколки во камаповите по брегот на Охридско Езеро од Андов Дуков до Љубаништа, бараат од туристичките организации и локалната самоуправа да издејствува од сопствениците на камповите да им приклучат струја  и вода. Сопствениците на кампови во Охрид на први септември ја исклучуваат струјата и водата во сите кампови и наместо да ја продолжат туристичката сезона тие и нанесуваат голема штета, велат во СРД „Св. Апостол Петар“ од Охрид.


Спортските риболовци имаат платено кирија за цела година но со овој потег им се дозволува користење на приколките само три месеци, изјави за Ohridnews, Радован Димитриески, претседател на СРД „Св. Апостол Петар“. Тој вели дека риболовците ќе ги измират сите трошоци за потрошената  електрична енергија и вода, но сопствениците на камповите тоа не го дозволуваат. „Незамисливо е во 21 век да се нема струја и вода“, додава Димитриески.


За време на изборните кампањи сите ветуваат дека ќе ја продолжат сезоната но засега тоа е само декларативно, велат револтираните спортски риболовци. „Ние спортските риболовци имаме ловено во многу земји , кампуваме во многу кампови каде камп приколките имаат и клима и греење и можат да се користат преку целата година независно од временскиот период“ вели Димитриески.


Спортско риболовно друштво „Св. Апостол Петар“ се залага за развој на риболовниот туризам  иако е забранет лов на охридска пастрмка и белвица, за кој во Охрид постојат идеални услови. „Некои видови риби како крапот може единствено на Охридско Езеро да се лови во зимскиот период, велат спортските риболовци. Изработуваме промотивен материал за риболов на Охридско Езеро и реките во Охрид и Струга во кој ќе бидат опфатени сите видови на риби, кога и како може да се ловат со обезбедени водачи за спортски риболов но оваа одлука на сопствениците на камповите не можеме никако да ја сфатиме“, вели Димитриески. Камповите поради топлото време имаат гости и сега во септември, кои не се само спортски риболовци  но поради немање на елементарни услови за хигиена  таму е непријатно да се престојува ,велат револтираните спортски риболовци.

Ohridnews