Охридњуз објавува серијал текстови во кои ќе ги претстави успешните охридски приказни во годината што измина, кои се позитивен пример и мотив за заедницата.

На празникот Успение на Пресвета Богородица, 28 август, охридскиот супер херој Марко Пејчиновски, по испливани 64 километри на релација Охрид-Струга-Св. НаумОхрид, пристигна на градското пристаниште. По речиси 22 часа минати во вода, Марко во центарот на Охрид беше бурно поздравен од стотина граѓани кои, не го криеја возбудувањето што се сведоци на историски момент кој долго ќе остане во колективната меморија.

Со овој подвиг Марко изминатото лето комплетира 10 препливувања на разни релации на Охридското Езеро, во вкупна должина од 250 километри, нешто што до сега никој го нема направено. Подвигот е дотолку поголем бидејќи поради здравствени проблеми тој плива само со раце.

Во ноември Светската асоцијација за пливање на отворени води (WOWSA), официјално ги верификува сите 10 препливувања на Марко Пејчиновски.

Марко воедно е најмладиот спортист кој го препливал Охридското Езеро од Охрид до Св. Наум во двата правци.

Но, тој е повеќе од пливач, тој е херој на нашето време кој промовира вистински вредности, толку потребни на нашето општество. Затоа пливај уште долго Марко, до следната цел!

Марко Пејчиновски го доби Признанието за спортски успех на годината што го доделува редакцијата на Охридњуз.

Г.М.