Денес е голем ден за охридскиот и македонскиот ракомет. ГРК Охрид во рамки на 2 коло од ЕХФ Европскиот куп вечерва во салата „Билјанини извори“ ја пречекува екипата на Потаиса Турда од Романија.

Поддршката од верната публика сега им е најпотребна на „Гладијаторите“ кои најавуваат беспоштедна борба за секоја топка, за секој гол. Затоа сите во сала! За Охрид! – порачуваат од клубот.

Салата „Билјанини извори“ подготвена за европскиот дуел помеѓу Охрид и Потаиса Турда

ГРК Охрид настапува во ракометна Европа по пауза од седум години. Ждребот не беше многу наклонет на охриѓани кои за противник ја добија силната романска екипа Потаиса Турда која во континуитет последната декада игра во европските купови, а во сезоната 2017/18 го освои Челинџ купот.

Турда е една од водечките екипи во романското првенство, екипа составена од голем број на романски и други интернационални репрезентативци, една квалитетна екипа. Имаме доста сознанија за противникот, добивме доста видео материјали со кои се подготвуваме, работиме како за секој натпревар. Овие се натпревари кои се играат во две полувремиња. Во Охрид ќе се одигра само првото полувреме. Се надевам дека од двете полувремиња ние ќе излеземе како победници, изјави пред средбата стратегот на Охрид Стевче Алушовски.

Стевче Алушовски

Љубителите на ракометот денеска целосно ќе може да уживаат во спортскиот празник во Охрид. Во 16 часот пред спортската сала ќе биде отворена Фан зона каде за забавата ќе се погрижи Dj Face. Во склоп на истата ќе биде отворен и Фан шоп каде ќе може да се купат дресови, маици, шалови, привезоци и други сувенири со логото на Охрид.

Вратите на спортската сала „Билјанини извори“ ќе бидат отворени во 17:30 часот. Уште еднаш апелираме до верната публика навреме да дојде на натпреварот за да се избегнат непотребни гужви, бидејќи седиштата се нумерирани и секој треба да го заземе своето место наведено и на влезницата.

Натпреварот почнува во 19 часот и нема да се емитува во живо, информира ГРК Охрид.

Охридњуз во текот на денот ќе ја пренесува атмосферата пред и за време на натпреварот помеѓу Охрид и Потаиса Турда.

Г.Момироски
Фото: А. Момироска