На лицитацијата за домаќин на националниот Куп единствен кандидат беше КК Амак СП, кој заедно со туристичката агенција Вис-Пој од Охрид ја добија организацијата. Кошаркарскиот клуб Амак СП во соработка со Вис-Пој од Охрид до денеска (11 февруари) до 12 часот, уплатија 10 проценти од вкупната цена 10.000 евра и се стекнаа со правото да бидат домаќини на Купот.

Во рок од 48 часа, двата субјекта треба да го уплатат останатиот дел од износот и во наредните денови да закажат термин за жребување и да ги објават деталите околу организацијата. Според правилникот на КФМ, тоа треба да се случи најдоцна една недела (4 март) пред почетокот на Купот, кој ќе се одржи од 11 до 14 март.


„Го запазивме нивото кое е исто како и минатата година, бидејќи цената за организација на Купот остана 10.000 евра. Очекувам домаќините да бидат одлични домаќини, како што се покажаа и во претходните години (2001 и 2002 година). Годинава ќе биде збогатено финалето, бидејќи во предигра ќе се одржи и младинскиот Куп, а се очекува во овој период да се одржат и повеќе семинари. Се на се ова ќе биде една одлична увертира пред организацијата на Европското првенство во Б дивизија на У20 во женска конкуренција кое летово ќе се одржи во Охрид, изјави претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија, Даниел Димевски.  

Во борба за преодниот пехар на дневниот весник Вечер, ќе се борат: Фени индустри, Фершпед Работнички, Свисслион Пелистер, Амак СП, Вардар, МЗТ Скопје, Торус и второлигашот Вардар Осигурување.

Во женска конкуренција сигурни учесници се Вигор Скопје и Изградба Комерц-Младинец, додека за останатите две места ќе разигруваат: Нарконон Балкан-Билјана 006 и Куманово-Студент.

Првите мечеви од разигрувањето се играат на 21 февруари, додека реваншите се седум дена подоцна.

ohridnews