Спортските вљубеници во Охрид со право тријат раце, бидејќи ги очекува продолжен викенд со голема спортска понуда како никогаш до сега во нашиот град.

Возбудувањата во СРЦ „Билјанини Извори“ во петок со почеток во 18 часот ќе ги најават охридските кошаркари, кои, силите ќе ги одмерат со неприкосновениот и најтрофејниот кошаркарски колектив во Македонија, Работнички.

В сабота од 13 до 17 часот во „Билјанини Извори“ на програмата се четвртфиналните мечеви од Бизнис лигата во мал фудбал.

Во 19 часот Ракометниот клуб Охрид на стартот од плејофот во Супер лигата го пречекува актуелниот европски и македонски шампион, Вардар. РК Охрид поради големиот интерес од денеска почнува со продажба на билетите кои чинат 50 денари.

Охриѓани не ќе имаат многу време да ги средат впечатоците од спортските збиднувања, бидејќи во недела има двојна кошаркарска програма и ракометна во СРЦ „Билјанини Извори“. Младинците на РК Охрид во 11 часот ќе ги одмерат силите со битолски Пелистер. Кошаркарите на АВ Охрид до 18 години против Струмица во 14 часот ќе го бранат тронот во Младинската лига и ќе ја најават пресметката на сениорите со МЗТ Скопје која ќе започне во 17 часот.

Кога на сите овие спортските настани ќе се додадат градското дерби помеѓу Воска – Охрид на „Грашница“ во Третата македонска фудбалска недела со почеток во 14 часот и мечевите на охридските фудбалски школи во регионалната лига, охриѓани имаат спортски викенд за уживање.

Напред Охриде !

OhridNews