Ниту добрата престава и игра на македонскиот првак Вардар пред повеќе од 10 000 гледачи на „Филип Втори“ во квалификациите за пласман во Лигата на Шампиони против Динамо Загреб не ја поправи нашата спортска (не)култура.
„Црвено црните“ изгубија, но скапо ја продадоа својата кожа против тимот кој минатата сезона на „Максимир“ во групите од ЛШ го совлада финалистот од 2006 година, Арсенал.
Во последните моменти од натпреварот кога „црвено црните“ притискаа за израмнувачки погодок дел од гледачите на јужна трибина заминаа, а претходно со свирежи го наградуваа секој потег на домашните играчи.
Три, четири или пет минути ништо не се значајни во животот, но во фудбалот, за толку време можат да се променат многу работи, само, ако се верува во фудбалерите.
Нажалост, играчите на Вардар немаа таква поддршка од трибините, освен од „Комитите“ кои навиваа коректно и цело време за својот тим.
На крајот, најголема награда за фудбалерите на Вардар беше громогласниот аплауз кој го добија од гледачите кои останаа после финишот од мечот, а истите тие веруваат во нив и на реваншот во Загреб следната недела.
Михаил Постоловски