Старите, но се уште добри фудбалски легенди на белградска Црвена Звезда и Охрид потпомогнат од мајстори со „буба-марата“ од регионот и помлади сили, попладнево на теренот со вештачка трева на СРЦ „Билјанини извори“, на охриѓани им приредија вистинско спортско уживање.
Во ревијален натпревар, кој се играше 2х30 минути, Црвена Звезда и Охрид одиграа нерешено, 2:2. Вањиќ два пати стрелаше за „црвено-белите“, а Артим Шаќири и Никола Стојкоски за екипата на ветераните од Охрид.
Резултатот во овој ревијален меч секако ќе остане во втор план. Но, она што фасцинира е желбата и залагањето на легендите на Звезда и ветераните од домашниот тим, кои ја вратија спортската возбуда, но и публиката на СРЦ „Билјанини извори“, која е гладна за квалитетни збиднувања кои недостигаат поради корона кризата.
Љубителите на фудбалот викендов имаа можност да се сретнат со поранешните асови на Црвена Звезда за која некогаш со успех настапуваа нашите Дојчиноски, браќата Бошко и Милко Ѓуровски, Канатлароски, Најдоски, Панчев, Стојковски… Дел од нив денеска беа во Охрид заедно со Караси, Аќимовиќ, Шестиќ, Боровница, а дел истрчаа и на теренот.
Охридската публика во копачки повторно ги виде Ламбе Арнаудов, Аце Велјаноски, Лескароски, Маркоски, Цветкоски, Артим Шаќири, кои беа поддржани од неколкумина помлади играчи, а покрај теренот беа и Данчо Целески, Чоста, Буџакоски и многу други фудбалски имиња кои во минатото, во различно време го носеле белиот дрес на Охрид или биле поврзани со клубот. Играчите, пак, кои го одиграа ревијалниот натпревар, и покрај годините и по некој килограм повеќе, не останаа должни, пружајќи максимум од можностите. Oколу игралиштето со вештачка трева можеа да се видат познати спортски личности и љубители на фудбалот, кои уживаа во спортскиот настан.
Иницијатор на средбата е Здружението на фудбалски ветерани на ФК „Охрид“, каде членови се дваесеттина првотимци од сите генерации на клубот кој оваа година одбележува 100 години постоење. Најголема заслуга за несекојдневниот спортски настан, има Слободан Булески, првотимец на ФК „Охрид“ во периодот од 1983 до 1987 година, кој на крајот на 80-тите и почетокот на 90-те години живееше во Белград каде играше во повеќе фудбалски екипи.
OhridNews
Фото: А. Момироска
Фото галерија: Охриѓани уживаа во друштво на легендарните фудбалери на Црвена Звезда