По повод Денот на независноста на Република Северна Македонија – 8 Септември, претседателот Стево Пендаровски денеска на свечена церемонија ги одликуваше со Орден „8 Септември“ македонските спортисти Оливера Наковска-Бикова, Бранимир Јовановски, Шабан Трстена и Дејан Георгиевски.

Оливера Наковска-Бикова е одликувана со Орден „8 Септември“ за својата извонредна, богата и успешна спортска кариера во параолимпиското и во спортското стрелаштво. Наковска-Бикова постигнува бројни успеси на натпревари во стрелачки спортови. Таа е повеќекратна државна шампионка и апсолутна рекордерка на Република Северна Македонија во дисциплината воздушен пиштол. Во оваа дисциплина го освојува златниот медал на Летните параолимписки игри во Лондон, со што придонесе за меѓународна афирмација и за угледот на државата.

Бранимир Јовановски, за извонредните резултати во својата 20-годишна спортска кариера. Тој е првиот македонски параолимпиец кој освоил златен медал на една параолимпијада. Во текот на својата кариера, покрај златниот параолимписки медал, освоил и други сребрени, златни и бронзени медали на разни европски првенства и на меѓународни натпревари. Значаен е неговиот огромен успех како тренер и како селектор, а избран е и за најдобар тренер на македонската репрезентација во стрелаштво за лица со попреченост. Неговиот придонес за меѓународна афирмација и за угледот на државата е огромен.

 

Шабан Трстена доби Орден за освојувањето златен медал во борење на Летните олимписки игри во 1984 година, запишувајќи се со златни букви во историјата на македонскиот и на светскиот спорт како најмлад олимписки шампион, како и за освојувањето на сребрениот медал на Олимпијадата во Сеул во 1988 година и на бронзениот медал на Светскиот шампионат во борење во 1982 година. Трстена е повеќекратен младински и сениорски првак на Југославија. Тој е прогласен за спортист на XX век на Република Северна Македонија. Шабан Трстена е пример како со извонреден успех може да се стане симбол на својата земја и на таков начин да се придонесе за нејзина меѓународна афирмација.

Дејан Георгиевски, за постигнување историски најголем и повеќекратен успех во сферата на спортот од независноста на нашата држава. Со освојувањето на сребрениот медал на Олимписките игри во Токио во теквондо, е прогласен за најдобар спортист на Република Северна Македонија за 2021 година. Воедно, тој е добитник и на неколку сребрени и бронзени медали, со што придонесува за меѓународна афирмација и за угледот на државата.

 

На доделувањето на наградите присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Собранието Талат Џафери, вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министрите Олвер Спасовски, Љупчо Николовски и други претставници од Владата.

Пред присутните беше прикажан видеоматеријал за биографијата и заслугите на Оливера Наковска – Бикова, Бранимир Јовановски, Шабан Трстена и Дејан Георгиевски.

Оваа награда е повод за понатамошни успеси, рече Наковска-Бикова.

Бранимир Јовановски рече дека со полно срце е на врачувањето на наградата и посочи дека утре се навршуваат 30 години откако го освоил златниот медал во Барселона во 1992 година. Во тоа време, како што рече, бевме млада држава и тој успех беше проследен со многу интересни натписи…

Сите медали прават чест и предизвикуваат наплив на емоции, нагласи Јовановски. Посочи дека спортистите се водат со неколку девизи во животот, меѓу кои и „Не е важно колку пати ќе паднеш, туку колку ќе станеш и што ќе научиш од тоа паѓање“.

Шабан Трстена ги поздрави двајцата тренери без кои, како што рече, јас немаше да бидам денес тука. Тоа се Насе Насев, кој не е присутен од здравствени причини и клупскиот тренер Ајру Синали, кој е сега починат.

Јас сум еден од тие спортисти што сум добил многу признанија од пет континенти. Земав признанија и од поранешна Југославија. Сум зел многу признанија и за мојата држава, но ова признание е нешто посебно затоа што го добив од мојата татковина, од мојот народ кој се радуваше за нашите успеси. Затоа овој орден ќе биде посебен во мојата спортска душа бидејќи го добив од името на народот. Горд сум за тоа што дадов се од себе, 20 години да се борам со најелитни спортисти од големите држави и покажав дека може и една мала нација, една мала држава може да ги победи и големите држави. Нека ни е со среќа нашата независност, рече Трстена.

Дејан Георгиевски им го честиташе празникот 8 Септември на сите граѓани и соопшти дека сребрениот медал од Олимписките игри во Токио покрај негова, е и заслуга и на неговите тренери Борче и Дарко Костовски, на неговите клупски другари, на семејството и на Господ.

Сепак, овој медал припаѓа на целиот македонски народ кој ме дочека гордо на плоштадот. И верувајте јас и мојот тим даваме се од себе да го повториме тој магичен миг од Олимписките игри во Париз во 2024 година, рече Георгиевски.

OhridNews