Љубителите на спортот во Охрид како ретко до сега имаат да избираат на каков спорт ќе го потрошат своето слободно време.
На менито од охриѓани има елитен ракомет и фудбал и кошарка која на голема врата се враќа на македонската спортска мапа.
Спортските возбудувања во Охрид ќе започнат в сабота во 18 часот во Билјанини Извори, каде кошаркарскиот клуб АВ Охрид против тимот на Тетекс ќе ја брка 14-та победа по ред во Втората лига.
Кулминација на спортските настани ќе има во недела.
Точно на пладне женскиот ракометен клуб Лихнид пред своите гледачи против составот на Велкова ќе ги лечи раните за поразот од Металург 2 во првиот меч од пролетната полусезона.
Во 14 часот на Атина Бојаџи фудбалерите на Младост од Царев Двор ќе го пречекаат составот на Вардар. Лидерот на табелата во Првата лига сам по себе е мотив за охриѓани Сашо Ѓорески и Антонио Каланоски кои ќе ги бркаат првите бодови во пролетната полусезона.
Половина час подоцна градското дерби меѓу Воска и Охрид ќе го означи почетокот на пролетната полусезона од Општинската фудбалска лига. Фудбалерите на Охрид првата етапа во Општинската лига ја минаа на шампионската позиција, а одбраната на тронот започнува на некогаш жешкиот терен „Грашница“.
Шлагот на тортата на спортскиот викенд во градот под Самоиловите тврдини ќе биде ракометниот меч од Супер лигата меѓу Охрид и Борец од Велес во (18ч).
„Гладијаторите“ натпреварите од регуларниот дел од Супер лигата ќе ги искористат за што подобра подготовка за мечевите кои ги очекуваат во плејофот.
OhridNews