Министерството за транспорт и врски се јавува како сопственик на целото крајбрежје во должина од 24 километри. Од нив само 3 км се издадени под концесија и според договорите за закуп, за одржувањето на хигиената, концесионерите имаат обврска да склучат договор со ЈП Комуналец.
Спорно останува- што со останатиот дел од крајбрежјето. Години наназад, Локалната самоуправа беше на став дека надлежното министерство, како сопственик, е должно за чистењето да му плаќа на јавното претпријатие. И покрај тоа, пари од министерството за услугите на ЈП Комуналец не пристигаа- со образложение дека одржувањето на хигиената на крајбрежјето, во целост, е обврска на Јавното претпријатие. Па така, со години, поголемиот дел од крајбрежјето остануваше прекриено со отпад.
“ Точно е дека согласно Законот за јавна чистота, подигањето отпад од плажите кои не се издадени под концесија, е обврска на ЈП Комуналец” , вели првиот човек на претпријатието, Сашо Алчев и додава: “ Но, според истиот закон, ние сме давател на услуга, но корисник е тој кој е сопственик или концесионер. Во овој случај, тоа е Министерството за транспорт и врски. Со надлежното министерство се допишувавме неколку пати, аплициравме и со Проект за чистење на плажи, но веќе 3 месеци немаме одговор дали и е прифатен”.
Со цел проблемот да се реши пред официјалниот почеток на туристичката сезона, ЈП Комуналец побарало од Советот на општина Охрид да направи измени на Планот за чистота со кои би се одредила динамиката на одржување на неиздадените плажи. Тоа би значело и дополнителен трошок за јавното претпријатие- ангажирање нови вработени кои ќе чистат на тој потег. Согласно предвидените измени во Планот за чистота, фактурата ќе му се испраќа на сопственикот- корисник на крајбрежјето, односно Министерството за транспорт и врски.
Како што изјави Алчев, согласност да се направат измени на Планот за чистота има и најверојатно тие ќе бидат усвоени уште на првата наредна седница на советот на општина Охрид.
Од надлежното министерство и понатаму се категорични- чистењето на крајбрежјето е обврска на Локалната самоуправа, односно Јавното претпријатие Комуналец.