Изградбата на хотелот на бизнисменот Никола Толевски во Населбата Лагадин, чија градба е стопирана, треба да се одблокира, односно случајот да се реши, изјави премиерот Зоран Заев на владината трибина, што вчера се одржа во Охрид. Одговарајќи на прашање на бизнисменот Толевски пред преполниот центар за култура, Заев истакна дека проблемот е создаден од некој „мечки“ во општината. Според него банална е причината за стопирање на градбата на хотелот дека инвеститорот не го пријавил пред надлежните служби отпочнувањето со градба. Бизнисменот Толевски, пак, се пожали дека трпи големи загуби затоа што плаќа камати и побара да се реши случајот за да може да ја фати претстојната туристичка сезона. Toj посочи дека деновиве по шести пат Второстепената владина комисија одлучува во негова корист и случајот го враќа на повторно разгледување во општината.

Чичко Никола за хотелот во Лагадин неколку пати пораки разменивме, насоки давав, на министерот, на шефот на кабинетот, неколку пати транспорт и врски носи позитивна одлука па одлуката се враќа, разговарав со покоен Јован, сега со секретарот на општината и со другите. Тие знаат дека премиерот интервенира заради тоа што правото е на ваша страна, министерот интервенира оти правото е на ваша страна, луѓе во второстепена комисија носат одлуки ставаат потпис без да се плашат оти знаат дека правото е на ваша страна. Имате некој мечки вие во тоа одделението за урбанизам. Кој сака нека е, можат пркоси да прават, но тие пркоси еден ден ќе завршат. 

Зоран Заев – премиер на РМ

Премиерот најави дека проблемот ќе се реши, најавувајќи дека лично ќе се заложи за тоа кај второстепената комисија, в.д. градоначалникот Георгиески, секретарот на општината Бежоски, помошник раководителот на секторот за урбанизам Арнаудов и другите надлежни службеници.

(одговорот на премиерот за хотелот во Лагадин е на 1.30.04)

Но, ваквите најави на премиерот Заев предизвикаа револт кај екологистите кои изминатиот период преку разни иницијативи, петиции, па дури и протести се спротиставуваа на изградбатра на хотелот на бизименот Никола Толевски. Неформалното еколошко движење Охрид ЅОЅ, денеска, преку соопштение реагира на настапот на премиерот во Охрид, обвинувајќи го дека не ги почитува обврзувачките препораки на Комитетот за светско наследство со што охридскиот регион може да биде доведен во опасност да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност.

Освен ако премиерот Заев не мисли да го злоупотреби Собранието на РМ за да го задоволи својот сопартиец и да го силува Уставот со носење на lex specialis во урбанизмот кој ќе се вика „Законот за чичко Никола“, незаконскиот чир од градба во Лагадин мора итно да добие решение за отстранување и Општината мора веднаш да пристапи кон спроведување, овојпат без изигрување на правото како кога ја поништија само клаузулата за правосилност на одобрението за незаконската градба, а не го поништија и самото одобрение.

Охрид ЅОЅ

Еко движењето Охрид ЅОЅ смета дека евентуалната легализација на спорниот хотел во Лагадин, е спротивна на законите и интересите на граѓаните, бидејќи се работи за градба во заштитена зона од УНЕСКО.

OhridNews