Бугарската компанија “Енергомонт” сака да ја купи охридската фабрика за производство на електроопрема “Емо”. Само оваа компанија достави понуда на тендерот за продажба на државниот капитал во фабриката, кој заврши вчера. Од Министерството за економија не кажуваат колку пари Бугарите понудиле за купување на 41,7 проценти од капиталот на фабриката, која е проценета на 11,3 милиони евра. Тендерот за продажба на државните акции во скопската фабрика “Охис”, пак, завршува денеска.

Од Министерството за економија велат дека чешката финансиска групација Ј&Т, која беше заинтересирана за купување на охридската фабрика, не доставила понуда, иако претставници на групацијата веќе ја посетија фабриката во Охрид.

– Понудата на Бугарите е комплетна и сега таа ќе биде доставена на разгледување во владината комисија, во која членуваат министерката за економија Вера Рафајловска и вицепремиерот Зоран Ставрески. Тие треба да ја одлучат дали Бугарите ќе ја купат фабриката – вели Сузана Праниќ, шеф на кабинетот на министерката за економија Вера Рафајловска.

За разлика од Емо, за фабриката Охис досега никој не пројавил интерес за нејзино купување.

Во овие две фабрики, Владата го продава државниот капитал, по втор пат, откако пред месец и половина премиерот Никола Груевски одлучи акциите да не ги продава на Берза поради стравување дека компаниите може да ги купат профитери.

Последната проценка на вредноста на имотот на Охис и на Емо е направена дури пред 13 години. Според тие податоци, Охис вреди 47,5 милиони евра. Фабриката, лани, работела со загуби од 2,2 милиони евра, а има обврски по разни основи од 180 милиони евра. Имотот на Емо вреди 11,3 милиони евра. Минатата година фабриката покажала загуби од 3,6 милиони евра, а има неплатени обврски од 25 милиони евра.

Државата во Охис продава 51,3 проценти од капиталот, а почетната цена на една акција е 25 евра. Во охридски Емо, пак, државата продава 41,7 проценти од друштвото. Почетната продажна цена на една акција е 39,13 евра.

„Вечер“