Ова, според угостителскиот еснаф од Охрид, се причините за слабиот интерес за закуп на охридските плажи за што на огласот што неодамна го распиша Министерството за транспорт и врски се пријавиле само 5-мина заинтересирани.
Угостителите бараат министерството за транспорт да го продолжи времетраењето за закуп преку две години, на закупците да им се даде грејс период од неколку години во кој ќе бидат ослободени од плаќање закупнина, или дел од средстваа што тие ќе ги вложат во уредувањетѕо на плажите да се одбијат од закупнината. Со тоа, како што вели Љупчо Патче, угостител, ќе се создадат поволни услови и ќе се привлечат инвеститорите.
„Ако ништо повеќе, понудените парцели треба да се намалат и поделат на помали целини со што ќе се намалат и трошоците за закупнина. За вака предвидените парцели на закупецот ќе му бидат потребни најмалку 30.000 евра за уредување, а со сезона од четириесеттина дена и концесија на две години, невозможно е тие средства да се вратат, а камо ли нешто да се заработи“, смета Патче.
Доколку не се променат условите за издавање, повеќето плажи ќе останат неуредени, сметаат угостителите кои побараа Министерството за транспорт и врски да ја забрза постапката за издавање на плажите под концесија, за да има време тие да се уредат до почетокот на туристичката сезона.
На ова инсистира и ЈП Охридски Комуналец. Плажите треба да се организираат за да може да се одржуваат. Директорот Боро Павловски предупреди дека мора да се дефинира начинот на одржувањето на плажите и предупреди дека доколку надлежното министерство одбие да ги покрие трошоците ЈП Охридски Комуналец нема да ги чисти плажите.
Процедурата за издавање на охридските плажи под закуп е во тек. Заинтересираните закупци деновиве до министерството треба да достават комплетна документација, а јавното наддавање за плажите е закажано за 26 март.
Фото: С. Костоски