Општинската организација на СДСМ-Охрид, реагира на како што беше соопштено селективниот однос на Управата за јавни приходи и затворањето на повеќе дуќани во текот на вчерашниот ден.

Вчера 23.10.2007 година Државен празник ден на Македонската револуционерна борба 15-тина инспектори на финансовата инспекција од УЈП Регионална дирекција Битола одделение Охрид извршија контрола и ги затворија повеќето  дуќани во општина Охрид.УЈП покрај тоа што имаше задача да контролира она што е нивна надлежност добиле директива од своите раководни лица да контролираат и кои дуќани работат што апсолутно не е нивна надлежност. Уплашени од тоа голем број трговци ги затворија своите дуќани и со тоа не го реализираа предвиденото за тој ден, велат од СДСМ.

Како политичка партија сме револтирани од ваквиот однос и сметаме дека е оправдана и реакцијата и револтот   на сопствениците од дуќаните на кои им е загрозена егзистенцијата, беше речено на  прес конференцијата што денеска ја одржа општинското раководство на СДСМ. 

Од СДСМ посочуваат дека според член 25 од законот за трговија на РМ  за време на празници работното време на продавниците, магацините, складовите, деловните простори и бензиските станици го утврдува трговецот зависно од бројот на вработените.

Охридските социјалдемократи прашуваат зошто немаше контрола и затворање на дуќаните за време на другите државни празници како што се  верските празници, потоа  1 ви Мај, 2 Август, 8 Септември итн.Според нив „ваквиот селективен однос на   владејачката ВМРО ДПМНЕ и УЈП уште повеќе го отежнува егзистенцијалното прашање на македонските граѓани“.

На денешната прес конференција ОО СДСМ-Охрид уште еднаш јавно ги повика надлежните и сите релевантни фактори да ја проверат состојбата во фабриката ЕМО , каде според СДСМ се врши партиската дискриминација.

Г.М.