Цела недела по судирот со терористичката група во Куманово, Јавното обвинителство на Република Македонија објави дека во Диво Насеље загинале 10 припадници на вооружената група осомничена за тероризам, а не 14 како што првично во саботата објави МВР. Јавното обвинителство соопшти дека на местото на настанот се пронајдени 10 тела. Девет загинати се од Косово (меѓу нив се и двајцата водачи на групата Мирсад Ндрецај алиас команданта НАТО и Риза Бег). МВР на прес конференцијата објави поголема бројка на загинати терористи.
Телата на загинатите припадници на кумановската група беа префрлени на Институтот за судска медицина во неделата навечер (10-ти мај). Телма тогаш објави дека со возило се префрлени 10 тела на обдукцијата која ја побара надлежниот јавен обвинител кој работи на случајот.
Кумановскиот инцидент во кој загинаа 8 полицајци (двајца за време на предавањето на терористичката група) го работат 10 обвинители во надлежното за тероризам Основно обвинителство за борба против организиран криминал и корупција. Во притвор се 30 припадници на групата. Најмногу се косовски државјани (17), 9-мина се македонски државјани, двајца се македонски државјани со престој во Косово, еден од уапсените имал германско државјанство, а последниот уапсен е албански државјанин кој престојувал во Косово и имал и тамошно државјанство. Меѓу уапсените се и Сами Укшини- командант Соколи и Мухамед Красниќи- командант Малишева.
Во кумановско Диво Насеље бил и Осман Сулејман од планинското село Брест, но тој успеал да замине за Косово иако бил во првата група уапсени. Според неофицијалните информации Сулејман им покажал на полициските специјалци две локации каде имало бункери со скриено оружје по што или успеал да избега или полицајците го пуштиле. Од МВР само потврдуваат дека едно лице е во бегство и дека по него се трага.
Двата бункера се најдени во близина на селото Брест во непосредна близина на границата кон Косово. Во нив се најдени 61 автоматска пушка, (од кои 54 се пушки украдени од полициската станица во Гошинце) и 8 сандаци со муниција. Претходно во куќата на Сулејман во Брест се најдени две автоматски пушки и два снајпери украдени од Гошинце.
Според овие информации вооружената група во Диво Насеље броела вкупно 41 припадник (10 загинати, 30 притворени и 1 избеган). Засега нема информација за бројот на терористи кои не се предале на полицијата и во недела наутро (10-ти мај) ги продолжија борбите во кои еден полицаец беше погоден со снајпер и им подлегна на повредите.
OhridNews
извор Телма