Со овој празник го славиме раѓањето на Синот Божји, неговото доаѓање на земјата и љубовта која го принудила да го земе човековото тело, да ги живее на земјата сите несреќи на човековата судбина и да го даде својот живот за нас. Затоа човечкиот род го слави Божик веќе со векови. Секој ден со нас и по нас, расте бројот на оние кои молат и пеат: “Слава му на Господ за мирот на луѓето со добра волја на земјата”. Среќен Божик!!!

Католиците денеска го слават Божик-раѓањето Христово

Папата Бенедикт XVI на синоќешната полноќна литургија упати повик за заштита на децата.
– Ликот на Исус, роден во колевка, треба да не потсетува на бедната состојба на сиромашните деца кои се злоупотребуваат или запоставуваат низ целиот свет, истакна папата за време на божиќната литургија која ја служеше на полноќ во катедралата „Свети Петар” пред повеќе од 10 илјади луѓе.

Илјадници други луѓе ја следеа богослужбата на големи екрани пред црквата. Литургијата, која Бенедикт XVI ја отслужи заедно со 36 кардинали, беше пренесувана на 73 телевизии во 47 земји.
Папата истакна дека повикот се однесува на родените деца, но и на оние кои не се родени. Овие негови зборови беа протолкувани како инсинуација за борбата која Католичката црква ја води против абортусот.


Папата Бенедикт XVI(фото Ројтерс)

Бенедикт XVI изјави дека во секое дете има по нешто од Исус Христос. Тој изрази надеж дека божјата љубов ќе ги стигне сите деца и оти Господ ќе им помогне на луѓето да го направат она што е во нивна можност за да се почитува детското достоинство.
– Божиќ се претвори во празник на подароци во слава на Бог, кој не даруваше со самиот себе си, истакна папата.
Тој повика да им се даваат подароци не само на оние од кои добиваме, туку и на оние на кои нема кој да им даде и не можат да подарат ништо за возврат.

Едно проучување на јавното мислење покажа дека мнозинството Американци Раѓањето Христово веќе не го поврзуваат со религијата. Вкупно 61 отсто од анкетираните граѓани на САД го сакаат Божиќ на прво место поради тоа што им дава многу време за дружење со пријатели и роднини, 13 проценти го сакаат Раѓањето Христово поради празничната атмосфера и затоа што луѓето стануваат подобри. Религиозната суштина на празникот е најважна за само осум отсто од учесниците во анкетата.

Денеска , папата Бенедикт XVI ќе ја отслужи традиционалната боголсужба „Урби е орби” која во превод значи „Кон градот (Рим) и кон светот”