Несогласувањата и проблемите помеѓу Погребалното претпријатие Мирен сон и ЈП Комуналец веќе неколку месеци паѓаат на товар на семејствата кои доживеале семејна трагедија и имаат потреба од погребални услуги.

Имено, од “Мирен сон”, тврдат дека се единственото претпријатие во општина Охрид кое поседува дозвола, односно лиценца, за вршење погребални услуги издадена од Министерството за транспорт и врски со важност до 2015 година.  Согласно тоа, оваа фирма е единствената која може да врши опремување со погребална опрема, превоз на умрено лице со специјални возила, право на чување во ладилник и капела и закоп на починатите лица. Но, како што вели сопственикот на “Мирен сон”, Денис Шибакоски, во тоа се спречени поради монополското однесување на ЈП “Комуналец” од каде веќе 3 месеци не потпишуваат договор за пристап и користење на гробишта, ладилник и капела. Резултат на тоа се дополнителните трошоци кои граѓаните се принудени да ги плаќаат  во висина од 10. 000 денари.

” И покрај нашите сугестии дека освен трошоците за ладилник и капела, овие 10.000 денари не се предвидени во Законот и напатствијата од Државниот Комунален Инспекторат и претставува прекршок секој друг дополнителен трошок за користење на инфраструктурата на гробиштата, ЈП “Охридски Комуналец” овој трошок упорно го предвидува во договорот и го бара од граѓаните”, со што директно финансиски ги оштетува, вели Шибакоски. –ЈП “Охридски Комуналец” истовремено врши погребални услуги и управува со гробиштата , што е спротивно на Законот, односно правното лице или јавно претпријатие кое стопанисува со гробишта не може истовремено да дава погребални услуги, потенцираат од Мирен сон. Со тоа ЈП “Охридски Комуналец ” се става над Законот и надлежните институции, водени од желбата за екстра заработувачка на грбот на граѓаните, од дејност која несмеат и незаконски ја извршуваат, вели Шибакоски.

Граѓаните револтирано коментираат дека последиците од ваквите несогласувања директно одат на нивниот грб. “Во најтешките мигови за моето семејство, поради тоа што од ЈП Комуналец ни побараа дополнителни 7. 000 денари кои не ги имавме, во 3 часот на полноќ, и покрај болката и шокот, бевме принудени сами да одиме во капела и да организираме се околу погребот,” велат граѓани. 

На 17- ти овој месец Државниот санитарен и здравствен инспектор извршил инспекциски надзор и констатирал дека ЈП КОмуналец не поседува дозвола за вршење погребални услуги, ниту пак специјализирано возило за превоз на починатите. Врз основ на тоа, донесено е решение за забрана за вршење погребални услуги од страна на ЈП Комуналец.

Од ЈП “Комуналец” информираа дека својот став во врска со овој проблем ќе го изнесат на прес конференцијата закажана за утре.

Т. К.