Пред точно една година беше направен и откриен споменик во чест на холандскиот писател А. Ден Долард, во вид на стилизирано едро и со мермерна „книга“ на која беа исклесани името на познатиот автор и неговиот лик во профил. Иницијатори на убавата идеја беа туристичкиот работник од Охрид, Венко Мустракински и претставникот на холандската стопанска комора – „помакедончениот“ Питер Босе.

Добрата намера и фината промоција „ќе придонесеа“ за повторно доаѓање на холандските туристи во Охрид – место кое пред многу години им го претстави во своите книги писателот Долард.


И да дојдат Холанѓани – што ќе видат?!


Трње и распад

Но, ништо од тоа. Холанѓаните не дојдоа во бројка која се очекува. Тие што дојдоа сигурно не сакаат да ја видат најновата руина во Охрид, а поминати се само триста пет-шеесет дена од откривањето на споменикот. Зараснат во трње, со одронат малтер (не можеме да процениме дали од удар или од слаб квалитет) и нечист. Споменикот пред извесно време беше и сквернавен (некои „таленти“ чкртаа на него), а сега само допропаѓа.

Штета би било да се доуништи оваа благородна идеја. Споменикот е на убаво место и веројатно не требаат многу средства за одржување. Треба само волја.

С. Костоски