Охрид – „Спомени-рани“ е насловот на новата книга на новинарот и публицист Веле Митаноски што деновиве се појави во издание на „Феникс“ од Скопје.
Книгата, на 350 страници, донесува избор од новинарско – колумнистички трудови на авторот, објавувани во “Дневник” и “Утрински Весник”, во последниве три години. Исто така, негови интервјуа, изјави и запазувања по актуелни општествени теми, објавувани на страниците на други весници, часописи и интернет изданија. Главно, критички интонации за времето и јанзите што не опкружуваат, неизоставно и за состојбите во неговата професија-новинарството. Сето тоа, умешно спакувано во рамка од лични опсервации, описи, анегдоти и други лични доживувања што на книгата и дава вредност на интересно четиво со мемоарско – документаристичка содржина. Неговата прва книга, со иста жанровска определба, носеше наслов “Рани спомени”.
– Не се работи само за проста игра на зборови. Насловот на првата книга “Рани спомени”, означуваше некаква временска, додека втората – “Спомени – рани” е суштинска одредница и со самиот наслов. Некаково завештение, тестамен од нематеријална, пред се, морална природа. Се обидов да ги издвојам колумните и позабележителните стории објавувани во дневниот печат, врамени во исечоци од реалното животното и професионално искуство, вели авторот Митаноски.
OhridNews