Православната црква денеска го одбележува Споменот на Првиот Вселенски Собор што се одржа во Никеја, во 325 година, во времето на царот Константин Велики.
Беше свикан за да ја отстрани забуната којашто ја создаде александрискиот свештеник Ариј со неговото криво учење. Имено, тој ширеше учење дека Христос е создаден од Бога во времето и дека не е предвечен Син Божји, рамен по суштина на Бога Отца. На овој Собор учествуваа 318 Свети отци.
Соборот го осуди учењето на Ариј и Ариј го предаде на анатема, бидејќи не сакаше да се покае. Уште Соборот и конечно го утврди Симболот на Верата, којшто подоцна, на Вториот Вселенски Собор беше дополнет.
На Првиот Вселенски Собор учествуваа голем број значајни светители, меѓу кои особено се истакнуваа: Свети Николај Мирликиски, Свети Спиридон, Свети Атанасиј, Свети Ахил, Свети Пафнутиј, Свети Јаков Нисивиски, Макариј Ерусалимски, Александар Александриски, Евстатиј Антиохиски, Евсевиј Кесариски, Митрофан Цариградски, Јован Персиски, Аристак Ерменски и многумина други од Исток. А од Запад присуствуваа: Осија Кордобски, Теофил Готски, Цецилијан Картагенски и други. Главната работа на овој Собор беше, значи, утврдувањето на Симболот на Верата. Освен тоа Соборот го утврди и времето за годишното празнување на Христовото Воскресение (Велигден). Беа пропишани и дваесет други канони.
Денешниот ден е познат и како Сисвети, а во Охридско свечено се одбележува во селото Лешани.
OhridNews