Оперативните дејствија за расветлување на убиството на продавачот на девизи Трајче Цоцевски, шести ден продолжуваат со несмален интензитет. Во истрагара е вклучен  и специјално обучен тим инспектори од Скопје кои заедно со охридската полиција го стегаат обрачот околу сторителот на свирепото убиство.

Охридската полиција по информативните разговори со голем број граѓани, вчера приведе едно лице кое се сомничи дека го извршило убиството над продавачот на девизи Трајче Цоцевски кој вчера беше погребан. Во интерес на истрагата од СВР Охрид не го соопштуваат неговиот идентитет, но наводно полицијата имала  цврсти докази  против осомничениот. Дознаваме  дека дел од доказите се испратени на супер вештачење во Скопје, меѓу кои и примероци од крв пронајдени на облека и во автомобилот на осомничениот. Неофицијално тој се товари  за повеќе убиства и други тешки дела извршени во изминатите неколку години. Осомничениот бил на возраст од околу 60 години и се познавал со жртвата со која пред повеќе од десет години заедно работеле во некогашна „Застава“. Во истата фабрика работеше и уште еден уличен продавач на девизи, Спиро Ставрески, кој на речиси идентичен начин како и Цоцески беше лишен од живот во февруари мината година. Дали се работи за коинциденција  треба да покаже истрагата.

Полицијата во текот на вчерашниот ден вршеше интензивни разговори со граѓани, а се распрашуваа и станарите и вработените во дуќаните од зграда на булеварот Тустичка каде осомничениот наводно работел. Токму во непосредна близина на оваа зградата,  кај ноќниот клуб „Наполеон“ беше пронајден и велосипедот на Трајче Цоцески, потпрен на ограда.


полицијата водеше интензивни разговори со голем број граѓани

Се очекува по комплетирање на доказната постапка осомничениот уште во текот на ноќта или денеска да биде изведен пред истражен судија, по што се очекува јавноста да добие повеќе детали за случајот што го потресе Охрид.

Г. Момироски