Не работи рентабилно. Специјална детска болница
„Со рационализацијата во здравството се предвидува ново буџетирање на јавните здравствени организации од наредната година кои ќе се финансираат со средствата од услугите услугите кои ги извршуваат, што значи дека Специјалната детска болница нема да може да опстои бидејќи болницата не работи рентабилно“, вели д-р Снежана Стефаноска, директор на Специјална детска болница – Охрид.
„Болницата ќе се трансформира, а дејноста ќе се интегрира во склоп на специјалната болница за ортопедија и трауматологија “Св. Еразмо“ каде што постои одделение за церебрална парализа. Бидејќи поголемиот број од лекувани деца кај нас се со истата дијагноза, значи ќе можеме да се интегрираме на тоа одделение како поголема работна единица, па и да прифатиме и деца со други заболувања кои што би можеле да се рехабилитираат таму“, додава Стефаноска.
Во моментов во Специјалната детска болница во Охрид престојуваат 30 деца со нивните родители. Болницата лани работеше со 30-35% искористеност на капацитетот од 100 легла, рече д-р Стефаноска. Причините за намалувањето на бројот на децата кои доаѓаат во Охрид таа ги гледа во намалениот пазар по распадот на Југославија, отворањето на голем број физијатарски амбуланти во земјава, новиот начин на упатување на децата во Специјалната болница во Охрид и воведената партиципација за престој.
Фото: С. Костоски